Map Graph

Гробишта (Војник)

археолошко наоѓалиште во Македонија

Гробишта или Гробље — археолошко наоѓалиште во кумановското село Војник. Претставува тумул од железното време и средновековна некропола. На околу 500 м јужно од селото се наоѓаат денешните гробишта, сместени на зарамнета тераса што се издига над коритото на реката Пчиња, од левата страна. Во 1964/65 година мештаните, правејќи простор за трпеза, потребна за погребните обичаи, уништиле тумул што бил подигнат на работ на терасата. Поточно, отстранет е насипот повеќе од половина и зарамнет е до нивото на теренот. Со овие работи, според исказите на учесниците, веднаш под површината биле уништени гробови со инхумирани покојници директно закопани и без гробни конструкции, а во основата на централниот дел нашле керамичко сатче (урна) и украсни предмети од бронза. Во 1966 година, Mузеjот од Куманово извршил заштитно ископување на преостанатиот дел од тумулот што овозможило да се одредат неговите приближни димензии, а истовремено да се откријат 10 гроба со инхумирани покојници, директно закопани во насипот на тумулот, со насоченост запад-исток, без гробни прилози. Од неколкуте фрагменти од керамички садови најдени во насипот е пронајдено дека се работи за гробови од времето на доцното средновековие. Наодите се чуваат во Народниот музеј во Куманово.

Read article